ДАЛИ НАСТАВНИЧКАТА ПРОФЕСИЈА Е НАВИСТИНА ГЛОБАЛНА ПРОФЕСИЈА
Клучни зборови:
наставници, образование на наставници, компетитивност, атрактивност, глобална професијаАпстракт
Доколку се споредува образованието на наставниците (во Европа) од осумдесетите години на 20 век и сега, може да кажеме дека тоа веќе не е изолирано. Образованието на наставници е дел од високото образование и има постигнато поголем степен на споредливост во сите три циклуса на студии за наставници (додипломски, мастер и докторски студии) со можности за професионален развој и одредена мобилност. Постојат исто така и одредени глобални предизвици во професијата, како на пример компетитивноста и атрактивноста на наставничката професија, вработливоста, платите и сл. Но наставничката професија во скоро сите земји по правило е национално регулирана професија.
Образованието на наставниците и наставничката професија во Македонија е тема на постојана загриженост меѓу општата јавност поради големиот број на засегнати страни (ученици, родители, наставници, локални власти, и сл.). Голем број измени се воведоа во законодавството за образованието коишто не беа дел од јавна дискусија, ниту дискусија и анализа од експерти и пошироко во јавноста. Овие измени имаат последици врз наставничката професија како и образованието на наставниците и нивната обука. Наместо подобрување на основните и трансверзалните вештини, овие реформи може да повлечат и спротивни ефекти кај наставниците и во образованието како целина. Поради ова се јавува потребата измените да се преиспитаат и дискутираат со наставниците како приоритет.
Овој труд ги испитува различните дилеми и грижи за тоа дали наставничката професија е навистина глобална и колку македонските наставници на глобално ниво можат да бидат мобилни.