КАРАКТЕРНИТЕ МОЌИ И ОПШТАТА САМОЕФИКАСНОСТ КАЈ СТУДЕНТИ
Клучни зборови:
карактерни моќи, ВИА класификација на карактерни моќи и доблести, самоефикасност.Апстракт
https://doi.org/10.47054/psyscip2371317kkj
Традиционалната психологија, особено во своите рани фази, првенствено беше насочена кон истражување и третирање на психичките растројства и проблеми. Како последица на ваквата тенденција растројствата се добро класифицирани и опишани, меѓутоа постојат малку податоци за човековите позитивни особини и квалитети. За таа цел, Петерсон и Селигман ја имаат развиено ВИА класификацијата на карактерни моќи и доблести, која ја сочинуваат дваесет и четири моќи распределени во шест категории на доблести. Во согласност со спроведените факторски анализи, Парк и Петерсон ги делат моќите на три категории: карактерни моќи на умот, карактерни
моќи на срцето и останати карактерни моќи. Истражувањето ја испитува врската меѓу трите категории на карактерните моќи и општата самоефикасност. Примерокот е составен од 239 испитаници, студенти на еден од шесте факултети во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. За испитување на варијаблите беа користени инструментите: ВИА прашалник за моќите на Селигман и Петерсон и Скала
на само ефикасноста на Шерер и соработниците. Во согласност со резултатите, дел од карактерните моќи на умот (љубопитност, отвореност на умот и креативност) и на срцето (упорност, водство, надеж, хумор, занес), како и сите останати карактерни моќи (храброст, перспектива и мудрост, саморегулација и социјална интелегенција) се позитивно поврзани со општата самоефикасност. Моќите на срцето објаснуваат
најголем процент (39 %) од варијансата на општата самоефикасност, моќите на умот 13%, додека останатите моќи 9 % од варијансата.