За списанието
Цел и опсег:
Ревија за социјална политика/Journal of Social Policy има за цел да придонесе кон покренување критички јавни и академски дебати за прашања од социјалната политика, релевантни на локално, национално, регионално и меѓународно ниво. Објавува оригинални статии на англиски јазик во сите области на социјалната политика. Списанието опфаќа теми поврзани со пазарот на трудот, животниот стандард, социјалната заштита, социјалното осигурување, образованието, здравството, домувањето, семејната политика, социјалната помош, социјалните трансфери, сиромаштијата и социјалната исклученост, антидискриминацијата итн. Ќе бидат прифатени сите иновативни статии, истражувачки статии, анализи на политики, практики и нивните импликации врз социјалната политика. Се охрабруваат студии со компаративна димензија или оние што ја одразуваат релевантноста на изучуваната тема за други контексти и географски области.
Вид на статии:
Истражувачки трудови, анкетни трудови, информативни статии, студии на случај, прегледни трудови, компаративни студии и дисертациски поглавја.
Историја на списанието:
Ревијаta за социјална политика е основанa во 2008 година. Основот за нејзиното создавање беше потребата од пополнување на празнината која постоеше во македонскиот научен простор од 1985 година, за теоретско и критичко опсервирање на социјалните политики и нивно креирање и анализа засновано на докази. Имено, Школата за социјални работници во Скопјe издаваше периодично списание од 1973 до 1985 година под името „Социјална политика: списание за теорија и пракса“. Списанието, кое започна да се издава во четири броја годишно, а на крајот се зголеми на шест, со тираж од 1.500 примероци, одигра значајна улога во „третманот и осветлувањето на бројни прашања и проблеми во областа на социјалната политика“ и доби „позитивен одѕив меѓу соодветните социјални и професионални структури во Републиката (во тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија)“. Дваесет години подоцна, Ревијата за социјална политика/Journal of Social Policy си постави пред себе исти цели, иако во значително различен социоекономски контекст.
Во периодот 2008-2011 година, Ревијата за социјална политика/Journal of Social Policy излегуваше само на македонски јазик. Од 2012 до 2021 година Ревија за социјална политика/Journal of Social Policy беше објавувана како двојазично македонско и англиско издание. Од 2022 година трудовите во списанието се објавуваат или на англиски или на македонски јазик (со апстракти на англиски јазик). Во периодот 2008-2014 година, списанието беше објавувано заеднички од Филозофскиот факултет во Скопје и Фондацијата Фридрих Еберт. Од 2015 година единствен издавач на Ревијата за социјална политика/Journal of Social Policy е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Филозофски факултет. DOI за секој објавен број и напис се доделува од 2013 година.
Почнувајќи од 2024 година, Ревија за социјална политика/Journal of Social Policy е хостирана на следниот домен: https://journals.ukim.mk/index.php/socpol
ISSN: 1857-6052
E-ISSN: 1857-8977
ДОИ идентификатор (DOI) на Ревијата за социјална политика/Journal of Social Policy е: https://doi.org/10.37509/socpol