Ние зачувуваме аноними кориснички активности. Ве молиме прочитајте ги информациите за приватност за детали.
Пред нас е единаесеттиот број на меѓународното интердисциплинарно славистичко списание „Филолошки студии“ (www.philologicalstudies.org), чија трајна мисија е создавање и промовирање на вистинските вредности и поттикнување на научната и на културната размена меѓу народите од словенскиот свет. Подготовката на овогодишното издание, кое донесува триесетина научни прилози од реномирани, но и од помлади автори, ја направи „Институтот за македонска литература“ од Скопје - Македонија, со помош и поддршка од досегашните партнери: Филолошкиот факултет при Пермскиот државен национално-истражувачки универзитет(Русија), Филозофскиот факултет од Универзитетот во Заграб (Хрватска) и Филозофскиот факултет од Универзитетот во Љубљана (Словенија).
Како посебна специфика на ова издание, се изделува евидентната насоченост на авторите кон културолошките проблеми, лингвистичките теми, како и свртеноста кон современите текови нагласувајќи ја важноста на културните политики засновани на мултикултурниот принцип кој, наспроти фрагментацијата или конфликтите, придонесува за културната интеграција на Македонија, Русија, Хрватска и Словенија, односно го отвора интеркултурниот дух, кој му одговара на модерниот динамичен свет.
Она што претставува новина за ова издание е што списанието „Филолошки студии“ веќе е вклучено, индексирано и архивирано во онлајн-библиотеката на Централна и Источна Европа (C.E.E.O.L.), на хрватскиот портал на научни списанија Хрчак, како и во Рускиот индекс на цитирање (РИНЦ).
Со ваквата своја насоченост, „Филолошки студии“ и натаму продолжува да егзистира како синонимска ознака на културолошка и на научна валоризација со интернационална препознатливост.