Ние зачувуваме аноними кориснички активности. Ве молиме прочитајте ги информациите за приватност за детали.

Почитувани,
Со задоволство ги претставуваме новите броеви на списанието „Филолошки студии“. Нашето издание останува платформа, каде што се споделуваат идеите на претставниците на разни хуманистички дисциплини: лингвистика, наука за литературата, фолклористика, историја на културата итн. Меѓународното славистичко списание е отворено за соработка со истражувачите што ги претставуваат различните научни традиции и школи. Благодарение на ова, секоe издание покажува широк спектар на актуелни проблеми од современата филологија и од нејзините сродни дисциплини.
Првиот број на списанието е посветен на темата „Словенските култури во трансфер“. Во статиите, вклучени во него, се проучуваат динамични процеси во јазикот, во литературата и во културните традиции. Авторите се интересираат за меѓуетничките и за меѓународните интеракции, влијанија и позајмувања од другите култури, за механизмите на адаптација на позајмените елементи кон новото опкружување и за проблемите со преводот од сродните јазици.
Во двата броја за 2019 година се објавени триесет и девет статии. Им изразуваме благодарност на проучувачите од: Македонија, Русија, Белорусија, Словенија, Србија и Хрватска, за нивните научни трудови. Оваа година изданијата на списанието ги подготви Филолошкиот факултет на Пермскиот државен национален истражувачки универзитет. Објавувањето е остварено со учество и со поддршка на редовните партнери: Институтот за македонска литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб, Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана и Институтот за литература и уметност во Белград.